Врз основа на член 52 алинеа 33 од Законот за високото образование и на член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование (Сл.в. на РМ бр. 26/2009), Универзитетскиот сенат, на 70-та седница одржана на ден 09.06.2009 година, донесе:
Правилник
за компатибилност на изборните предмети
Член 1
Со овој Правилник се утврдува компатибилноста на изборните предмети во рамките на студиската програма на којашто е запишан студентот.
Член 2
Изборните предмети во вкупниот број на предмети на соодветната студиска програма потребни за завршување на студиската програма учествуваат најмалку со 25% .
Изборните предмети се избираат од редот на наставните предмети застапени на единиците на Универзитетот согласно со одредбите на овој Правилник.
Начинот на избор на изборните предмети за втор и трет циклус на студии, според ст. 2 од овој член, ќе се врши до почетокот на примената на одредбите од чл.1 ст.2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование (Сл.весник на РМ бр.26/2009), односно од 15.08.2010 година.
Член 3
Компатибилноста на изборните предмети се утврдува на две нивоа:
Ø во првото ниво на компатибилност се избираат предмети коишто се изучуваат на единицата, односно единиците на Универзитетот а се во рамките на научното поле/полиња кои се во функција на стекнување на целната стручна компетентност на соодветната студиска програма;
Ø во второто ниво на компатиблност се избираат предмети коишто се изучуваат на единиците на Универзитетот, а се во рамките на научното подрачје во коешто припаѓа соодветната студиска програма и на други научни подрачја коишто се компатибилни со студиската програма на која што е запишан студентот;
Компатибилноста на научните подрачја и полиња со студиската програма ја определуваат матичните единици.
Научните полиња и подрачја се во рамките на класификацијата на научните полиња, подрачја и области (дисциплини) на истражување, според стандардите на OECD. (Сл. Весник на РМ бр. 55 и 66 од 2001)
Член 4
За првото ниво на компатибилност единиците на Универзитетот утврдуваат листи на изборни предмети во рамките на научното поле/полиња каде припаѓа соодветната студиска програма, а се застапени на единиците на Универзитетот.
За второто ниво на компатибилност, студентот врши избор на предмети во рамките на научното подрачје/подрачја застапени на единиците на Универзитетот.
Изборот на предметите од другите единици на Универзитетот студентот го прави во согласност со Правилникот за мобилност и во консултација со координаторот за ЕКТС на студиската програма.
Член 5
При изборот на изборни предмети од другите единици на универзитетот бројот на кредити којшто тие го носат треба да изнесува најмалку колку што е бројот на кредити предвиден за соодветните изборни премети во студиската програма. Доколку избраниот предмет или предмети од другите единици на Универзитетот носат помал број на кредити од предвидениот број на кредити со студиската програма на матичната единица тогаш студентот ќе мора да избере и дополнителен изборен предмет при што вкупниот број на кредити којшто треба да го освои студентот за да ја заврши соодветната студиска програма мора да изнесува минимум 180 односно 240 кредити за прв циклус на студии, односно за втор циклус минимум 300 кредити.
Заради полесна реализација на наставно - образовниот процес изборните предмети и обезбедување на мобилноста на студентите коишто се во рамките на второто ниво на компатибилност треба да бидат инкорпорирани во последните два ( завршни ) семестри од студиската програма при што во еден од последните два семестри задолжително треба да бидат застапени само изборни предмети.
Член 6
Соодносот на застапеност по нивоа на компатибилност на изборните предмети во студиски програми го утврдуваат единиците на Универзитетот, при што учеството на изборните предмети од првото ниво на компатибилност треба да изнесува од 50% - 80% од вкупниот број на изборни предмети коишто ги избира студентот.
Член 7
Откако студентот ќе го изврши изборот на предметот истиот во текот на тековната академска година не може да се менува.
Доколку студентот не го положи избраниот предмет од претходниот став, а за наредната академска година избере друг предмет, новоизбраниот предмет го запишува по прв пат.
Член 8
Евиденцијата на запишани кредити од изборните предмети студентот ја врши на матичната единица согласно предвидениот број кредити на изборните предмети од единицата на којашто студентот го избрал соодветниот предмет.
Уплатата за запишаните изборни предмети, студентот ја врши на единицата на Универзитетот на која е избран предметот според висината на надоместокот за партиципација односно кофинансирање и бројот на кредити, утврден на единицата на која студентот го избрал предметот.
Извршената уплата од претходниот став се евидентира од страна на единицата на која што е избран предметот.
Матичната единица не сноси никакви финансиски обврски спрема единицата на која студентот избрал предмет во случај на евентуално неисполнување на финансиските обврски од негова странаа спрема единицата на која е избран предметот.
При запишувањето на кредитите и нивна уплата, единиците и студентот се должни да се придржуваат кон одредбите од Правилиникот за единствениот кредит трансфер систем и преминот од една на друга студиска програма, односно од една на друга единица на Универзитетот.
Член 9
По запишувањето на изборните предмети, матичната единица до единицата на Универзитетот од којашто се избрани предметите доставува список на студенти којшто содржи: реден број, број на досие, име, татково име и презиме на студентот, предметот/те што го/и запишал, потпис на овластеното лице и печат на матичната единица.
Член 10
Студентот којшто посетува настава и полага испит на друга единица на којашто извршил избор на предмети ги има истите права и обврски, како студентите запишани на таа единица.
Член 11
По завршувањето на завршното оценување и конечноста на резултатите од завршното оценување, единицата на која студентот го избрал и го положил предметот до матичната единица најдоцна во рок од 20 ( дваесет ) дена ја доставува целокупната документација за оценувањето на студентот, согласно Упатството за начинот на оценување на колоквиумите и други форми на континуирано оценување, како и формата на евиденција на постигнатите резултати, донесени од Ректорската управа.
При изборот на изборни предмети коишто се избираат на други единици на Универзитетот се запишува бројот на кредити којшто го носи соодветната наставна дисциплина на единицата на којашто студентот ја полагал истата при што вкупниот број на кредити којшто треба да го свои студентот за да ја заврши соодветната студиска програма мора да изнесува минимум 180 односно 240 кредити за прв циклус, односно минимум 300 кредити за втор циклус на студии.
Член 12
Доколку студентот не го положи избраниот предмет во роковите определени со Правилиникот за единствениот кредит трансфер систем и преминот од една на друга студиска програма, односно од една на друга единица на Универзитетот, истиот повторно го запишува на матичната единица согласно одредбите на Правилникот за ЕКТС и овој Правилник
Член 13
Студиските програми на единиците на Универзитетот ќе се усогласат и усвојат според овој Правилник најдоцна до 14.09.2009.
Член 14
Овој Правилник влегува во сила со денот на објавувањето во Билтенот на Универзитетот.
Р е к т о р
проф. д-р Златко Жоглев с.р.